Вработените во јавниот сектор да работат од 9 до 15 часот, останатите два часа да има само дежурства, а јавните претпријатија да добиваат субвенционирана струја. На овој Владата треба да одговори на енергетската криза посочија денеска од Конфедерацијата на слободни синдикати каде членуваат вработените во државните институции и компании. Струјата која ќе биде заштедена од скратеното работно време синдикалците предлагаат да се пушти на индустриските капацитети.

„Доколку властите во најитен можен рок не изнајдат решение за субвенционирање на струјата во големите индустриски капацитети и, пред се, во јавните комунални претпријатија како даватели на услуги на граѓаните, ќе се соочиме со зголемување на цените за комуналните услуги, но и со губење на работни места. Доведен ќе биде во прашање опстанокот на работникот во тешката зима што претстои“, изјави Благоја Ралповски претседател на КСС.

Од владата се категорични по ова прашање. Ставот на премиерот Димитар Ковачевски е дека државата помага како на граѓаните така и на компаниите за справување со енергетската криза. Дополнителни субвенционирања државниот буџет нема кондиција да издржи.

„Околу 1000 евра ќе биде цената на мегават час во четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година, тоа е енормна цена и не може да ја издржи никој. Додека субвенционирате цена, од 1000 евра на 300 или 400 евра која би била прифатлива, замислете ја потрошувачката помножете по разликата 600 до 700 евра по мегават час колку би било тоа оптоварување за буџетот“, рече Димитар Ковачевски премиер.