Австрискиот канцелар Себастијан Курц, по разговорите со рускиот претседател Владимир Путин во Виена, изјави дека се надева оти Русија како супердржава ќе придонесе за воспоставување мир во Сирија и Украина.
– Имавме прилика да разговараме за многу меѓународни проблеми и дека Русија како суперджава има голема улога и одговорност кога се во прашање Сирија и Украина. Се надеваме дека Русија ќе придонесе за решавање на тие прашања, па луѓето навистина да го добијат тоа што веќе долго го посакуваат – мир, истакна Курц.
Австрискиот канцелар изрази надеж дека благодарение на интензивниот дијалог ќе биде постигнат прогрес во односите помежу ЕУ и Русија.
Путин нагласи дека разговорите биле во пријателска и конструктивна атмосфера и се заблагодари на Австрија за топлиот пречек. Говорејќи за сирискиот проблем, Путин рече дека Виена е подготвена да се приклучи во хуманитарните акции во Сирија.
На крајот од разговорите потпишани се низа документи помеѓу Русија и Австрија, а меѓу другото и протокол за измена на руско-австриската Конвенција за избегнување на двојно оданочување.