Австрискиот канцелар Себастијан Курц поднесе оставка по обвинувањата за корупција, јави ДПА.

Доцна попладнево тој потврди дека се повлекува од премиерската функција.

Овој потег доаѓа откако австриските обвинители го именуваа конзервативниот политичар како осомничен во случај на корупција поврзана со употреба на јавни средства за плаќање позитивно медиумско покривање.

– Мојата земја ми е поважна од мене, рече Курц.

Претходно денеска, обвинителите извршија рации во канцеларијата, Министерството за финансии и домови и канцеларии на високи помошници на канцеларот.

Пред неколку дена обвинителите соопштија дека австрискиот канцелар Себастијан Курц е „централната фигура“ во обвинувањата за злоупотреба, корупција и поткуп Сите прекршоци се „извршени во име на неговиот личен интерес“, велат тие.

Во налогот за претрес од Обвинителството на 104 страници, објавен во целост во австриското списание „Профил“, Себастијан Курц се наведува како „централна фигура“ под обвинение за злоупотреби, корупција и поткуп. Сите прекршоци се „извршени првенствено во личен интерес“.

Во документот се наведува и: „Од многуте анализирани пораки во четот, јасно е дека тој (Курц ) е личноста која ги носи сите важни основни одлуки, последователно имплементирани од неговиот најблизок круг советници.

Конкретното обвинување против канцеларот Курц е дека со пари на Министерство за финансии предводено од неговата партија АНП, се финансирале огласите во еден весник од 2016 година, а за возврат публикацијата објавувала резултати од анкети, поволни за Курц. Се вели дека планот му помогнал на Курц да го преземе раководството во неговата партија, а потоа да стане канцелар.

Според обвинителството, тоа се докажува со бројни СМС -пораки од роднини и доверливи лица на актуелниот канцелар. До 2017 година, Курц беше министер за надворешни работи, а во мај 2017 година го презеде раководството во АНП. На предвремените парламентарни избори во октомври 2017 година, неговата Народна партија стана водечка сила, а Курц стана федерален канцелар.

Опозицијата, веднаш по избивањето на скандалот соопшти дека не сака предвремени избори.Сите три опозициски партии – Социјалдемократската партија на Австрија, Партијата на слободата и најмалата НЕОС – сметаат дека обвинувањата против Курц се суштински и побараа негова оставка.

Претходно беше планирано во вторник да се состане Парламентот за да гласа за недоверба на Курц.