Како да не беа доволно проблеми поврзани со пациентите и вработените на скопската Клиника за радиотерапија и онкологија, деновиве сме сведоци на една скандалозна состојба.

Имено, редакцијата на КУРИР беше контактирана од пациенти и вработени на оваа клиника кои нè информираа дека на паркингот се гради станбен објект – зграда.

Екипа на КУРИР излезе на терен. Првичната информација која ја добивме и која наликуваше како на вест од рубриката „верувале или не“, се покажа дека е вистина. На делот предвиден за паркинг за онколошките пациенти, во моментов „никнува“ огромна зграда!

Пациенти кои ја контактираа редакцијата на КУРИР велат дека со ова се прави дополнителен терет врз нивното секојдневно функционирање.

-Нема крај на нашите маки. Замислете, како во Центар да не се доволно згради изградени, како да немало други локации, сега градат на местото каде ние треба да поминуваме и паркираме кога одиме на клиника за Онкологија. Јас сум болен човек, јас имам рак и одам на хемотерапии. Секој знае колку тие истоштуваат и колку после нив сме без сила. Ама никој како да нема разбирање. Таму каде што треба да паркирам, да бидам поблиску, сега се гради зграда. Па кој би дал дозвола за такво нешто?

-Сакам да ве информирам за една небулоза. Велам небулоза оти не ми текнува подостоен збор за ситуацијата на која бев сведок пред два дена. Градат зграда на паркингот на онкологија. Не ни е доволен терет сите маки што ги имаме, уште да кружам дополнително време наоколу пред терапии, зошто некој решил зграда тука да прави. Срамота невидена.

Нашата редакција беше контактирана и од вработени на клиниката, чии идентитети ќе бидат заштитени. Велат дека биле шокирани кога виделе дека во близина на клиниката каде работат, на место предвидено за паркинг, се гради станбен објект – зграда.

КУРИР побара одговори од Министерството за здравство, но и од општина Центар да провериме дали како институции се запознаени со оваа состојба.

Општина Центар е надлежна да дава дозволи за градби, но од таму не одговорија на нашето прашање дали имаат издадено дозвола за градба на зграда на паркинг на скопска Онкологија.

Одговор до овој момент немаме добиено ниту од Министерството за здравство, каде прашавме :

-Дали Министерството за здравство е информирано дека се гради зграда на паркингот за Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје? Дали преземавте одредени чекори?

-Кој можел да даде дозвола на ваква локација да се гради станбен објект?

-Ќе претставува ли оваа градба проблем за функционирањето на клиниката?