Косовскиот премиер Албин Курти, во интервју за Косово Онлајн, изјави дека односите со Србија се важни, но дека „Косово е независна земја“ во која темата за дијалог со Србија не е меѓу главните три приоритети. Курти додаде дека не рекол дека дијалогот ќе биде целосно игнориран, но дека дијалогот со Србија за Косово е на шестото или седмото место на листата од 10 приоритети, пренесува Б92
– Мое мислење беше дека треба да направиме отстапка и да ја ставиме на четврто место. Не може да биде меѓу првите три приоритети, бидејќи не можеме така да се однесуваме, а граѓаните знаеја што прават кога гласаа за нас како демократски противење и не вратија на функцијата во владата, рече Курти.
На прашањето зошто го одби предлогот за размена на територии, Курти рече дека тоа не е решение.
– Напротив, тоа ќе ја влоши ситуацијата. Сакам демократски мирољубиви решенија. Размената на територии е пристап што ќе не вовлече во конфликти како оние од 1990-тите, и не би се ограничила само на односите Србија-Косово, туку би прошири на шесте други земји од Западен Балкан. Проектот за размена на територии беше целосен неуспех, но идејата сѐ уште живее во Белград. Таму, сите соседни земји кои не се интегрирани во ЕУ, како БиХ, Црна Гора, Косово и Македонија, се сметаат за привремени држави, изјави Курти.
Според него, Србија ја имитира Руската Федерација и, со зајакнување на сателитските парадржави, сака да ги прикаже своите соседи како нефункционални и да ги претвори во пропаднати држави.
– Република Косово нема да го дозволи тоа, независно Косово останува тука и е посилно како држава со функционални институции, која излегува од економската криза и напредува кон Запад. Ние никогаш не се сомневавме во тоа, нашата цел е да влеземе во НАТО и ЕУ, рече Курти.
На прашањето како ќе се однесува кон српското малцинство, Курти рече дека мнозинството Срби од Косово се интегрирани во косовските институции.
Тој изјави дека Белград не сака интеграција на Србите не само во Косово, туку и во Црна Гора или БиХ, бидејќи сака да ги искористи за доминација на својата држава и нација.
– Верувам дека на земјите од Западен Балкан им е потребна поголема симетрија, односно рамнотежа или реципроцитет кога станува збор за правата на малцинствата, за траен мир и одржлива стабилност и безбедност. Ваквите меѓусебни односи ќе им помогнат на сите овие земји да се борат против националистичката и шовинистичката хегемонија специфична за Балканот, особено во изминатите 150 години, вели Курти.
Тој рече дека сака Србите на Косово да ги имаат истите права како и албанското мнозинство, кое сочинува повеќе од 92 проценти од населението на Косово.