Премиерот на Косово, Албин Курти порача дека Европската унија мора да се прошири, дека Западниот Балкан треба да го поддржи проширувањето, а земјите кандидати да спроведат реформи кои го забрзуваат членството, соопшти денеска косовската Влада.
Во соопштението се наведува дека Курти ова го кажал при учеството на работната вечера на покана на премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на Бледскиот форум.
На тема „Солидарност за глобална безбедност“, во чии рамки годинава се одржува форумот, синоќа на вечера се разговараше за регионалната соработка, членството на Западниот Балкан во Европската унија и безбедноста.
Курти ја истакна важноста на договорите постигнати минатата година во берлинскиот процес, каде особено ја истакна слободата на движење.
„На 1 јануари 2024 година сите граѓани на Република Косово ќе патуваат без визи во земјите на Европската унија, додека визи ќе бидат потребни за Босна и Херцеговина. Во овие 50 дена што преостануваат до самитот во Тирана, важно е да се започне целосно спроведување на трите договори што ги потпишавме во Берлин“, рече Курти.
Косовскиот премиер ги поздрави повиците на Голоб и на Мишел, за фокусирање на проширувањето на Европската унија, како и можностите за земјите од Западниот Балкан. Курти истакна дека предуслов за тоа е почитување на малцинствата и меѓусебно признавање.