Граѓаните на Кувајт, малата држава во Перискиот залив богата со нафта, денеска гласаат на вторите парламентарни избори за помалку од две години.
Во декември 2020 година, Кувајт избра парламент што беше распуштен во јуни годинава, а по повеќемесечната пат-позиција во преговорите меѓу опозициските пратеници и владата, беа распишани нови избори.
Нов четиригодишен мандат во Националното собрание на денешните избори бараат 313 кандидати, вклучувајќи и 27 жени, а во кувајтскиот Парламент има педесет места.
Сите кандидати се независни бидејќи Кувајт ги забранува политичките партии.
Право на глас имаат помалку од 796.000 Кувајќани, а гласачките места ќе бидат отворени 12 часа, почнувајќи од 8 часот утринава.
Официјалните резултати се очекуваат утре.
Кувајт беше првата земја од Персискиот залив која во 1963 година формира парламент, со членови избирани од граѓаните.
Иако Кувајт одржува претежно слободни парламентарни избори, моќта во земјата всушност останува во рацете на владејачкото семејство и емирот кој ја избира владата.