Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Скопје забележа убедлива победа над Лихтенштајн со 5:0.

За избраниците на селекторот Игор Ангеловски ова е прва победа и први три бода во квалификациите за Светското првенство следната година во Катар.

Стрелци на головите беа Енис Барди, Александар Трајковски (два), Елиф Елмас и Илија Несторовски од пенал.

Македонија поведе во седмата минута од мечот поведе со 1-0, по слободниот удар кој што го изведе Енис Барди.

Македонија зголеми на 2-0 во второто полувреме со голот на Александар Трајковски во 50 минута.

На 3-0 зголеми повторно Александар Трајковски со вториот погодок во 53 минута.

Голеадата продолжи во 61 минута од вториот дел откако во листата на стрелци се запиша и Елиф Елмас за предност од 4-0.

Конечните 5-0 ги постави Несторовски со мајсторски изведен пенал во 82. минута од мечот, по прекршокот кој беше направен над Николов во противничкиот шеснаесетник.

На другите два натпревара од 2. коло во Ј-групата, Ерменија го совлада Исланд со 2:0, додека Германија на гостувањето кај Романија забележа минимална победа со 1:0.

По ова коло, македонскиот национален тим има три бода и се наоѓа на третата позиција на табелата, зад Германија и Ерменија кои имаат максимални шест бода.

Следниот меч „црвено-жолтите“ ќе го играат на 31 март, на гостински терен против германскиот национален тим.