Во БиХ постојат две реалности, дејтонска и европска и ние треба сега да тргнеме кон таа другата – европската, изјави во Брисел словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак.

Министрите за надворешни работи на државите членки на ЕУ расправаа на барање на Хрватска за состојбата во БиХ по изборите од 7 октомври.

– Јасно е дека имаме две реалности во Босна и Херцеговина. Имаме дејтонска реалност што е изградена на етнички принцип и имаме европска која е изградена на граѓански принципи. Би требало сега да одиме од едната кон другата, но моментно ги имаме тие реалности и тоа ни создава низа проблеми, рече Лајчак.

Тој порано беше висок претставник на меѓународната заедница во БиХ.

– Разговараме за тоа како да и помогнеме на таа држава, а не да ја казниме и мислам дека тоа е позитивно. Заклучокот е дека ЕУ би требало поактивно да влезе во процесите во БиХ, додаде Лајчак.

– Јасно е дека процесот на формирање на власта во БиХ нема да биде едноставен, потенцира тој.