Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами денеска, за време на неговата прва посета на Пекинг откако лабуристите ја презедоа власта во јули, го оцени ангажманот со Кина како прагматичен и неопходен.
Лами се состана со кинескиот потпретседател Динг Ксујајанг, а подоцна денеска има средба и со министерот за надворешни работи Ванг Ји.
Неговото дводневно патување е обид да ги обнови врските со Пекинг откако односите се заладија во последниве години поради обвинувањата за шпионирање, поддршката на Кина за Русија во војната во Украина и задушувањето на граѓанските слободи во Хонг Конг, поранешна британска колонија која сега е дел на Кина.
-Од запирање на руската нелегална инвазија на Украина, до поддршка на глобалната зелена транзиција, треба често и искрено да зборуваме за двете области на спор, како и за областите на соработка во националниот интерес на ОК, рече Лами.
Во соопштението од неговиот кабинет се вели дека Лами ќе ја повика Кина да ја прекине својата политичка и економска поддршка за руските воени напори.
Кина, вклучувајќи го и Хонг Конг, е четвртиот најголем трговски партнер на ОК.
фото: ЕПА