Според податоците на Институтот за статистика, ИНСТАТ, минатата година албанско државјанство добиле 711 лица, што е речиси двапати повисока бројка споредено со претходната, 2020 година, кога тоа право го оствариле 423 лица.
Најголем дел се лица со потекло од Косово, потоа Турција, Сирија и Италија, а доминира возрасната група од 30 до 39 години.
Во август 2019 година Албанија донесе закон за државјанство, кој содржи неколку суштински измени, како што е членот 6 каде се предвидува стекнување државјанство врз основа на потекло.
Со ова им се овозможи на Албанците кои живеат надвор од територијата на албанската држава, како во соседните земји и во дијаспората, да стекнат албанско државјанство, под услов да се докаже семејната врска во директна линија до трето колено на барателот со предците.
Албанско државјанство добиваат и заслужни спортисти, стопанственици и други, независно од потеклото. Барање се доставува до министерството за внатрешни работи а по законската процедура, го одобрува шефот на државата.
Од друга страна бројот на албански граѓани кои се откажале од своето државјанство е поголем, односно лани од албанско државјанство се откажале 724 лица, наспроти 513 претходната година.
Во просек годишно од албанското државјанство се откажуваат по над 700 лица, кои главно живеат и работат во земји, како Германија, која не признава двојно државјанство.