Русија денеска го лансираше своето вселенско летало коешто ќе се спушти на Месечината. Ова би било прв руски вселенски брод на нашиот природен сателит по 47 години, во обид да биде и прв што ќе изврши меко слетување на јужниот пол на Месечината, подрачје за коешто се верува дека содржи „џебови“ со воден мраз.
Ракетата „Сојуз 2.1в“ што го носи вселенското летало „Луна-25“ полета од космодромот „Восточни“ на 5.550 километри источно од Москва во 2:11 часот по московско време. Слетувачот треба да слета на Месечината на 23 август, објави руската вселенска агенција Роскосмос.
Руската месечева мисија, прва од 1976 година, се натпреварува со Индија, која минатиот месец го испрати својот лунарен слетувач „Чандрајан-3“, со САД и Кина – земји со напредни програми за истражување на Месечината.
Со векови, астрономите го поставуваат прашањето за водата на Месечината којашто е 100 пати посува од пустината Сахара. Мапите на НАСА во 2018 година покажаа воден мраз во засенетите делови на Месечината, сокриени од Сонцето. Во 2020 година, НАСА го потврди постоењето на вода во областите изложени на Сончевата светлина.
Мисијата без човечки екипаж ќе трае 4,5 дена.