После митингот кој што го одржа премиерот во заминување редно е да се вратиме на вистинските теми кои што го мачат опљачканиот, осиромашениот од оваа самонаречена европска влада. Која што до толку го девастира владеењето на правото и го украде македонскиот народ што и хвалоспевите кои што ги кажуваат на говорница не можат да го побијат податокот дека добивме од ЕУ најлош Извештај за последниве 30 години. Па колку и да си се фалите вака сами себе, податоците кажуваат сосема нешто друго, истакна пратеничката Благица Ласовска на денешната собраниска седница на пратенички прашања.
Ласовска додаде дека има три прашања од кои што едното е до министерката за труд и социјална политика, а другите две прашања се до министерот за внатрешни работи.
„Веќе со месеци пензионерите во Република Македонија, нашите дедовци, баби, мајки, татковци протестираат и излегоа најупорните протестирачи и демонстранти за своите права и тоа замислете право за достоинствен живот. Долго време ги лажеа од оваа самонаречена европска влада, што министерката нели правеше театар пред јавноста дека еве преговараат со нив и договараат покачување на пензиите за да пред неколку дена излезе таа лага голема со опашка дека практично нема ништо од тоа. Но, се уште важи мантрата на дотичната министерка дека ќе ги покачи пензиите на нашите сограѓани“, појасни Ласовска.
Таа посочи дека нејзе ја замолија пензионерите, групите кои што протестираат, и во име на сите нив сака да ја запраша министерката до кога ќе ги лаже пензионерите и нели и е срам за ваков недостоинствен живот кој што го живеат пензионерите. Тие пари што ги земаат пензионерите не им стигаат само за лекарства и за храна.
„Единственото прашање до министерката ми е кога и колку ќе ги покачите пензиите на пензионерите во Република Македонија“, запраша пратеничката.
На пратеничката Ласовска второто прашање се однесуваше кон министерот за внатрешни работи.
„Има информација дека голем број на косовски државјани кои што не ги исполнуваат условите за државјанство во Република Македонија примаат пензии од Република Македонија и се лечат во здравствените установи на Република Македонија исто како да се жители на Република Македонија. Јас како пратеник немам многу алатки за да го истражам овој момент, преку Парламентарниот Институт побарав едно истражување по основ на законската легислатива која што е кај нас и во Република Косово, речиси да е иста. Но, само се разбира многу подоцна ги имаат донесено законските решенија. Според истражувањата од 2021 година од страна на Европската мрежа за социјална политика кое се однесува на проценка на адекватноста на пензијата во Косово, остварување на пензиите во однос на одржувањето на приходите е слабо. Повеќе од 70% од пензионерите добиваат приход во вредност од 21% од просечна нето плата на пазарот, адекватноста на пензиите ќе се намали во иднина доколку не се покачат пензиските придонеси и доколку не се зајакне пензискиот систем“, рече таа.
„Дали како министерство правите некаква истрага во врска со случај каде што граѓани од Косово на нелегален начин да добиваат пензиско и здравствено осигурување во Република Македонија“, праша Ласовска.
Ласовска посочи дека веќе петти ден го нема девојчето Вања, за жал освен неа може да се забележи на страната дека има над 50-тина исчезнати лица.
„Прашањето ми е ако во Дебар Маало ви исчезне во сред бел ден, пред кафиќ „Броз“ и „Силбо“ кој што е центар, срцето на Скопје, каде што има голема фреквенција на луѓе, ако таму безбедноста не е добра тогаш што да се очекува на некои други одредени места“, праша таа.
Таа го праша Спасовски дали ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните, а особено на децата и кога мисли да ја информира крајно вознемирената јавност за состојбата со видео надзорот т.н. Safe city.