Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи по диктат на Заев, а по формално барање на Оливер Спасовски беше разрешена, само заради тоа што го користела Република Македонија. Ова е тоталитаризам во својот класичен облик, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска на денешната прес конференција во Собранието.
Според неа, разрешувањето на министерката е лицемерие на СДСМ, бидејќи, како што вели, бараа разрешување на Мизрахи заради прес-конференција пред табла со Република Македонија, која патем е наследена од нејзината претходничка Мила Царовска, а самите тие користат Република Македонија во формална и неформална комуникација.
-Ова само покажува дека таблата беше само повод, а вистинската причина за разрешувањето е разобличувањето на незаконските активности на Царовска и неодговорното работење на министерството во време на истата. Јавноста само треба да ги погледне прес конференциите на Рашела Мизрахи, за да види какви дубиози се случувале во Министерството за труд и социјала во време на Царовска и ќе им стане јасно зошто се бараше разрешување по итна постапка среде ноќ, рече Ласовска.
Разрешувањето на министерката Мизрахи, Ласовска го оцени како, обид за дефокусирање на СДСМ од криминалите.
-Ова тоталитарно однесување на Заев и неговиот хибриден режим фрла сериозна дамка на изборите кои ќе се случат на 12 април, бидејќи се руши еден од суштинските постулати согласно законот за Влада и законот за избори. Јасно е како ден дека Заев сака со сите можни сили да го одложи соочувањето на фер и демократски избори, бидејќи поразот кој му следи е се поизвесен. Тоа е причината за неговиот страв и неговиот очај. Тоа е причината за неговата нервоза и паника, рече Ласовска.
На прашањето дали ќе поднесете нов предлог за технички министер, таа посочи дека органите на партијата во текот на денот ќе одлучат.
Околу тоа дали разрешувањето на Мизрахи доведе до некоја одлука за напуштање на техничката Влада, Ласовска посочи дека се што ВМРО-ДПМНЕ сака, очекува и бара е распуштање на Собранието и предвремени парламентарни избори.