Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, одговарајќи на прашањето дали воените вежби на НАТО во Европа претставуваат закана од трета светска војна, истакна дека се надева оти Северноатлантската алијанса ќе биде доволно мудра да спречи војна од широки размери, но предупреди на зголемување на опасноста од ненамерни инциденти во недостиг на нормален дијалог со Русија.
– Верувам дека сите ќе бидат доволно мудри тоа да се спречи. Меѓутоа, секако сме многу загрижени поради целосно отсуство на каков било професионален дијалог помеѓу руската армија и НАТО, наведе Лавров во интервју за „РТ Франс“, „Пари мач“ и „Фигаро“.
Тој потсети дека членовите на Советот НАТО – Русија трипати се сретнале во изминатите две години, но не биле постигнати никакви резултати. Лавров наведе дека претставниците на Алијансата биле подготвени за разговори само за Украина.
– Се обидувам да останам во границите на пристојноста. Се чини дека Советот НАТО – Русија се користи како уште едно средство за Русите да се обвинат за сите смртни гревови. Тоа е, исто така, уште еден начин да се задоволат хировите на нашите украински соседи кои сонуваат за бесконечни санкции и сакаат Русија секогаш да биде предмет на остри критики, посочи Лавров.
Тој потенцира дека сите облици на соработка помеѓу Русија и НАТО се замрзнати, како и дека телефонските контакти помеѓу началникот на Генералштабот на руските вооружени сили Валериј Герасимов и командантот на сојузничките сили на НАТО во Европа, Куртис Скапароти не се доволни да се елиминираат растечките ризици од ненамерни инциденти.
Лавров наведе дека одбивањето на НАТО да го продолжи дијалогот со Москва е под влијание на Вашингтон, кој забрани контакти на Пентагон со Русија во рамките на своите закони за санкциите.
– Јасно е дека никој во НАТО не прави ништо без САД… Верува, дека е апсурдно да се остане заложник на хировите на американските пратеници, истакна Лавров.