Министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, денеска изјави дека неговата земја не барала повторно заживување на Г8, додека портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, смета дека за тоа е невозможно да се зборува се додека не се постигне консензус во моменталниот Г7 формат, во кој Москва не е вклучена.

-Од никого не баравме да се занимава со ова прашање. Веќе имам кажано дека за тоа (заживување на форматот Г8) слушнавме од изјава на оделни западни колеги. Со никого не сме зборувале за ова, нити планираме да зборуваме, рече Лавров на прес конференција во Москва.

Тој истакна дека Русија е вклучена во активностите на други организации, како БРИКС, Шангајската организација за соработка, Г20 и Обединетите нации.

Шефот на руската дипломатија додаде дека за Русија е побитна работата во рамки на Г20, отколку во рамки на Г8.

Руски анонимен извор вчера изјави дека лидерите на Г7 опширно разговарале за враќањето на Русија во форматот Г8, но дека не дошле до заклучок.

Песков порача дека е невозможно Русија да се врати во групата на повик на само една држава, бидејќи сите одлуки се носат со конзензус.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека ќе биде посоодветно доколку Русија се врати во стариот формат Г8.

Запрашан за изјавата на Трамп, Песков кажа дека тоа не го смета за провокација.