Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го обвини Западот за ќор-сокакот околу иднината на договорот за жито во Црното Море, велејќи дека Москва „практично нема никакви резултати“ од договорот за извоз на жито и ѓубрива.
Русија сигнализираше дека доколку не се исполни списокот на барања за отстранување на пречките за нејзиниот извоз, таа нема да се согласи да го продолжи поврзаниот договор по 18 мај кој овозможува сигурен извоз на жито за време на војната од украинските пристаништа во Црното Море.
Едно од барањата на Русија е Руската земјоделска банка (Роселкозбанк) да се врати во банкарскиот систем SWIFT. Лавров рече дека нема планови тоа да се случи и како алтернатива, Гутереш предложи американските банки да и помогнат на руската банка во трансакциите.
Лавров потврди дека една банка „љубезно се согласила да финансира една операција“, но дека тоа не е долгорочно решение.
Извор запознаен со трансакцијата рече дека американскиот Стејт департмент и Министерството за финансии на САД побарале од JPMorgan Chase & Co да спроведе „многу ограничена и високо набљудувана“ трансакција поврзана со извозот на земјоделски материјали, што се случи овој месец. Изворот рече дека може да има дополнителни трансакции.
На прес-конференција во Обединетите нации, на која беа опфатени повеќе теми, тој рече дека во догледно време ќе има реакција на писмото што шефот на ОН Антонио Гутереш го испрати до рускиот претседател Владимир Путин за договорот за жито.
Договорот со ОН помогна да се убеди Русија да дозволи украински извоз на жито од Црното Море според договорот – за кој посредуваа ОН и Турција во јули минатата година – наменет за справување со глобалната криза со храна, за која претставниците на ОН велат дека е влошена поради инвазијата.
– Никому не му е потребна Третата светска војна. Но се чини дека некој е подготвен да оди до самиот крај, рече Лавров.
На прашање за новинарот „Вол Стрит Џурнал“ Еван Гершович и поранешниот маринец Пол Вилан, кои се уапсени во Русија и дали би можело да се случи размена на затвореници, Лавров рече дека постои посебен, не-јавен канал за да се разговара за размена на затвореници со САД.