Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) треба да ја следи состојбата со имотот не само на судиите, туку на сите државни службеници и јавни функционери, рече поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Мирјана Лазарова – Трајковска, одговарајќи на новинарско прашање пред одржувањето на конференцијата „На патот кон европското судство: Предуслови и предизвици“ што денеска и утре се одржува во Скопје.
Според неа, нормални се ваквите постапки за преиспитување на имотната состојба на државни функционери и тоа не треба да биде врзано само и конкретно со судството.
-Овие постапки покренуваат интерес затоа што се врзани со случувања од претходните години. Мое мислење е дека ова се предмети каде Антикорупциската комисија треба да покаже пример како ќе го применува новиот Закон за спречување корупција и во принцип тоа не треба да се гледа како дневно-политички настани, туку треба да биде форма на процесуирање на работење во континуитет и препроверување на имотната состојба не само на конкретни случаи, рече Лазарова -Трајковска.
Во тој контекс судијката додаде дека и во другите земји годишно се проверува состојбата на судиите.
-Македонија има само 600 судии. Можеби треба да се погледне имотната состојба на сите нив од моментот на избор до денес. Тоа се така наречени мерки на прочистување на судството и не гледам ништо необично во една ваква постапка, истакна судијката Лазарова -Трајковска.
Судијата на Врховниот суд и претседател на Здружението на судиите, Џемали Саити рече дека Антикорупциската комисија има надлежности да истражува во таа насока и тоа не се класични истраги, туку постапки.
-Секој судија, секој носител на јавна функција е подложен на прочистување условно кажано пред Антикорупцисата комисија. Сметам дека сите активности на Антикорупциската комисија се законити во полето на нивната надлежност. Останува нивната постапка да утврди дали има нерегуларности и како тие се одразуваат во функционирањето, рече Саити.
Антикорупциската комисија вчера соопшти дека ќе ги проверува и анкетните листови на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, поранешната членка на Судскиот совет Александра Зафировска, судијката Сафија Лаличиќ, Светлана Костова од Вишиот управен суд и поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски.
Ова доаѓа по објавениот извештајот на Стејт департментот на САД за човековите права за 2018 година, каде меѓу другото беше посочен специјалниот извештај на СЈО за судиите кои дозволиле политиката директно да се вмеша во судството.