Лажна е пријавата за бомба во МНТ

/ 30.11.2021

Пријава за евентуална бомба која што попладнево ја крена скопската полиција на нозе, е лажна. МВР информира дека по преземените проверки во повеќе објекти е утврдено дека нема закана. „Се преземаат мерки за утврдување на пријавата и преземање на соодветни мерки и санкции против личноста која лажно пријавила. Им благодариме на граѓаните за трпението, и на медиумите за професионалниот однос кон ситуацијата“, велат од полицијата.

Првичните информации беа дека непознато лице се јавило во 16.45 во билетарата на МНТ. По пријавата за напад беа блокирани сите патишта кои водат до Македонскиот народен театар во Скопје.

Претходно неколку објекти меѓу кои и зградата во која се сместени МИА, СЕП, ДКСК, Финансовата полиција, Инспекторатот за животна средина, беа евакуирани. На вработените им е кажано веднаш да излезат од објектите.

Испразнети се и зградите на А1, на МНР и соседните објекти во центарот на Скопје.

Полицијата не дозволуваше движење на луѓе и возила кон Мавровка, МНТ и МРТ, а блокирани се и околните улици и крстосници. Забележливо беше зголемено присуство на полицијата и полициски возила, а полицијата информираше дека постапува по пријава за напад.


Од истата категорија