Лажна СМС порака, наводно испратена од Министерството за одбрана на Грција, ги повикува Грците да се пријават во најблиската полициска станица за да добијат одлука за воена мобилизација, а Секторот за компјутерски криминал на грчката полиција веќе започна истрага за пораката на мобилните телефони, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција и од Министерството за одбрана соопштуваат дека станува збор за лажна порака и ги повикуваат граѓаните да ја игнорираат и да бидат внимателни.
– Ве молиме да се пријавите во најблиската полициска станица каде што ќе ви биде доделена одлука со цел ваше вклучување во воениот инцидент, гласи СМС пораката испратена до Грците, а како испраќач е потпишано Министерството за одбрана.
Пораката е испратена во период кога се заострени односите меѓу Грција и Турција.