Партијата ЛДП од владејачката коалиција во Македонија во одбрана на „идентитетот на Украина“ предлага Киев да биде Киив на македонски јазик, Луганск да го викаме Луханск, наместо Запорожје да употребуваме Запорижија, Мариупол да биде Мариупиљ, а реката Дњепар да ја нарекуваме Днипро.
Емил Кирјас и Моника Зајкова, од името на Либералнодемократската партија (ЛДП), иницираат Владата да донесе одлука за употреба на локалните топоними за населените места во Украина на украински јазик, со нивна транслитерација на македонски јазик.
– Воедно, предлагаме Владата да донесе одлука конечно да престане да се употребува неприфатливото именување на Република Беларус на македонски јазик како Република Белорусија за што белaрускиот народ, како што самите се нарекуваат (а не белорускиот!) и државата веќе се имаат изјаснето со соодветни јазични, законски и уставни измени. Препорачуваме, во македонскиот јазик, исто така, да се употребува и уставното име Република Латвија наместо досегашното име преземено од руското именување Република Летонија, предлагаат од ЛДП.
ЛДП смета дека МНР, во најкус рок и во соработка со Амбасадата на Украина, треба да и предложи на Владата одлука со која ќе им се наложи на институциите да ги користат украинските топоними во македонскиот јазик. Според Зајкова и Кирјас, одлуките треба да се донесат пред Република Македонија да го преземе претседавањето со ОБСЕ на 1 јануари 2023 година.
– По посетата на Украина на крајот на август оваа година, во екот на руската агресија, ни беше предочено дека реализацијата на руската експанзионистичка и империјалистичка политика во доктрината на непризнавањето на украинскиот јазичен и етнички идентитет се манифестира и преку употребата на руските топоними за украинските населени и географски места, наместо на соодветните украински топоними. Таа практика може да се забележи во официјалната употреба за топонимите за населените места во Украина и на македонски јазик, велат од ЛДП.
Од оартијата оценуваат дека „македонскиот народ и македонските граѓани имаат морална обврска да застанат во целосна одбрана на украинскиот национален и етнички идентитет и самобитност“. Тоа го сметаат за врвен македонски национален интерес.
– Со одбрана на украинскиот идентитет и самобитност, се брани воедно и македонскиот идентитет и самобитност, како и вековното опстојување на двата идентитети, велат од ЛДП.
Во Правописот на македонскиот јазик (второ издание, 2017 година), чиј издавач е Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков има ,посебна глава насловена „Географски и други имиња“ составена од д-р Елка Јачева-Улчар. Таму може да се види дека е нормирано оти главниот град на Украина на македонски се вика Киев, Белорусија е Белорусија, а за Латвија го има и називот Летонија.
Извор: 360 Степени