Вчерашната пресуда за пожарот во тетовската модуларна болница, во која животот го изгубија 14 наши сограѓани, е доказ колку судството е под притисок на власта. Одлуките се носат зависно од тоа дали лицето кое е предмет на постапката е блиско до власта или не, истакна на денешната прес-конференција пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков.

Во продолжение интегрален текст и видео од прес-конференцијата на Лефков:

-Наместо индивидуална кривична одговорност, се сѐ сведе на кабелот, а директорите на болницата Флорим Бесим, братот на министерот за финансии од ДУИ и Артан Етеми, и двајцата кадри на ДУИ добија условна казна од 18 месеци. Тие нема да влезат во затвор, ако во период од 18 месеци не сторат друго кривично дело.

Оваа пресуда е и доказ како ДУИ се грижи за Албанците и за Македонците, кога од другата страна се нивните функционери.

ДУИ ниту се грижи за Албанците, ниту за Македонците, туку само за своите функционери.

Секогаш кога во прашање се луѓе од власта особено од ДУИ и СДС, вината е секаде, само не во нив. Не може 14 луѓе живи да изгорат во објект на Министерството за здравство, а никој за тоа да не е одговорен, па да се даваат бледи изговори дека кабелот е крив. Луѓе бегаа во страв и паника, цели семејства беа во солзи, а вчера судството на ДУИ и СДС им кажа дека кога одговорност треба да сносат нивни кадри, таа нема да ја има.

Кај 14 фамилии не стигна правдата за своите најмили, кои очекуваа барем крајна разрешница, во која се знае кои се виновниците и истите да бидат казнети.

Со СДС и ДУИ нема одговорност, нема правда. Случајот со пожарот во модуларната болница не е единствен случај во кој нема одговорност за луѓето од власта. Истиот принцип на неказнивост на функционерите на СДС и ДУИ се виде и кај случаите на Ден Дончев, Рашковски, Лидија Димова и многу други, кои беа фатени во криминал, а денес се шетаат слободно.

И во овие случаи, и во случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, одговорност ќе има. Никој нема право да биде над законот, само затоа што им служи на Ковачевски и на Ахмети, рече Лефков.