Рамковниот договор овозможи мир, но она што не можеше да го предвиди Рамковниот договор е криминалот на ДУИ кој се случи потоа. 20 години една иста политичка елита го краде сопствениот народ. Денес гледаме дека Албанците подеднакво живеат несреќно како и Македонците, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на денешната прес конференција одговарајќи на новинарско прашање во врска со прославата и трошоците за Рамковен договор во кризни времиња.
– Македонија има Рамковен договор ама нема европска иднина. Има рамковен договор ама Тетово нема вода за пиење, Арачиново канализација. Македонија има рамковен договор ама младите Албанци и Македонци се иселуваат. Тоа е поразот на оваа власт. Ако тргнеме од ова нема простор за славје туку за одговорност, истакна тој.
Кога станува збор за прославата која ќе чини стотици илјади евра, Лефков посочи дека прославата која е приватна на ДУИ не ја чувствува како своја ниту Албанците ниту Македонците.
– Тоа е прослава на ДУИ во пресрет на изборите во Тетово. И никако приватните журки на Груби нема да донесат подобар живот. Оваа прослава каде што ќе бидат потрошени стотици илјади евра ќе ја организира фирма која е милионски донатор на ДУИ изминативе години, фирма се занимава се од печатење на свидетелства кои воедно се уште ги нема, печатење на книги, се до гледаме до организатор на партиски забави како оваа. Партиските забави на ДУИ и Груби нема да придонесат за подобар живот, нагласи Лефков.