Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, во гостување на Алфа телевизија во емисијата Колегиум се осврна на донесувањето на реформски закони во Собранието, односно усогласување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ.

„Апсолутно, кога сме кај темпото на евроинтеграции, самиот пат за евроинтеграции, улогата на законодавниот дом, патот кон Европа има, би рекол неколку струи. Едната од нив е дипломатската, политичката за која најчесто говориме и којашто е нели неизвесна, би рекол за жал, полна со непредвидливи критериуми, меѓутоа една од струите е усогласување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ. Нешто за што можам да ве уверам и вас и македонската јавност дека парламентарниот состав, овој парламентарен состав работи неуморно и тоа беше признаено од страна на Европската комисија и во извештајот и во тоа што Македонија предничи во реформите коишто се однесуваат, нели на усогласување со европската регулатива. И тоа се должи на повеќе фактори, на работата во Собранието, на начинот на донесување на закони, на тоа што во последниот мандат на Собранието нема повеќе како во времето на СДС и ДУИ како досега, кога се носеа разноразни закони, како КЗ, законот за лекови и други разни закони, поврзани дали со марихуана или со други лукративни дејности коишто поминуваа со европско знаменце и тоа повеќе го нема“, рече Лефков.

Посочи дека ако ги погледнеме извештаите ќе се види еден четиригодишен мандат целосно потрошен на донесување на околу 430 законски решенија, сега во овој двојно пократок период донесени над 740 закони.

Лефков додаде дека во извештајот на ЕК, Македонија предничи во реформите коишто се однесуваат на усогласување со европската регулатива.

-Транспонирање на одредено законодавство некогаш се користело за измените на КЗ или за донесување на закони коишто се штетни, а кога зборуваме за насока за спроведување на законите овде е многу важна онаа што се нарекува надзорната функција на Собранието и затоа ќе ве потсетам уште еднаш, со доаѓање на власт кога беа разгледувани извештаите коишто стигнуваа од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, истите беа прифатени, беа пречекани со бројни забелешки и не беа прифатени од Собранието и како резултат на таа надзорна функција на Собранието се влезе и се донесоа нови закони, нов закон за Совет на јавни обвинители и беа спроведени со целосна јавна расправа, кажа Лефков.