Хаосот во кој што се наоѓа оваа Влада за жал е пренесен и во законодавниот дом. Законодавниот дом наместо да биде дом каде што се претставуваат граѓаните, каде што се преставуваат интересите на граѓаните, за жал претставува арена во која што мнозинството обезбедува одредена положба на оние кои што имаат само една цел, а тоа е да работат со криминални тендери и секој ден да ја осиромашуваат Македонија, истакна Миле Лефков, пратеник во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.
„Тоа за жал го видовме и денеска, имавме два предлози кои што се однесуваа на најгрозоморниот, најмонструозниот скандал би рекол од независноста на државата, тоа е скандалот со клиниката за Онкологија. А, ние уште пред две години алармиравме за пропуст и за она се што се случува. Меѓутоа она што е клучно и за што треба да разговараме е дека постои еден Извештај од Државниот завод за ревизија и во кој што јасно се нотирани дел од овие пропусти. Нотирано е дека не сите ја добиваат терапијата, нотирано е дека таа не се издава како што треба, нотирани се финансиски пропусти, итн.“, рече Лефков.
Пратеникот додаде дека во Извештајот исто така има издвоени мислења дека се сомневаат во вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи.
„Потоа, исто така има дека нема пишана процедура за тоа како се препишува, како се прима, како се издава, како се троши и како се евидентира залихата. Дополнително, и во 2016-та е воведен и КАТО систем за водење на оваа евиденција, меѓутоа за жал веднаш по промената на власта тој КАТО систем видовме и слушнавме дека заврши позади заклучени врати“, нагласи Лефков.
Тој посочи дека затоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара да се разговара и да се разгледа Извештајот, затоа што според Законот за ревизија и според Меморандумот кој што е потпишан помеѓу Собранието и Државниот завод за ревизија, според член 4 се задолжува истите да можат да бидат разгледувани на пленарна седница.
„Гласањето ја подели онаа коалиција на СДС и ДУИ, па од ДУИ гласаа против ваква точка на Дневен ред. Меѓутоа заедно со нашите гласови околу 52 гласа ЗА помина и се усвои потребата за внесување на нова точка на Дневниот ред, а истата беше закажана како 22 и последна точка на Дневниот ред. А, во Собранието имаме околу 500-тини незавршени точки. Така да се плашиме дека власта можеби има намера и оваа точка за разгледување на ревизорскиот извештај да ја доживее судбината на останатите 500-тини точки“, рече тој.
Лефков додаде дека поради тоа веднаш пратеникот Бојан Стојаноски побара точката од 22 да биде втора точка и веднаш да се започне со дискутирање.
„Несреќа е нешто што се случува поради виша сила. А, СДС и ДУИ, т.е. нивната власт не може да биде виша сила туку се одговорни за се што се случува во Македонија. Време е да се лоцира одговорноста“, рече тој.