Дресот што Пеле го носеше во финалето на Светското првенство во 1958 година е продаден за 4,9 милиони долари на аукција на куќата „Сотбис“ во Њујорк.
Станува збор за вториот најскап фудбалски дрес продаден на аукција. Пред него е само дресот што Диего Марадона го носеше против Англија на Мундијалот во 1986 година, кога го постигна прочуениот гол со „Божјата рака“. Тој дрес во 2022 година беше продаден за околу 9,3 милиони долари.
За дресот на Пеле пристигнале вкупно десет понуди од повеќе од пет заинтересирани купувачи. Со оваа продажба, тој стана највредниот предмет поврзан со бразилската фудбалска легенда што некогаш бил продаден на аукција.
Особено впечатливо е зголемувањето на неговата вредност. Истиот дрес во 2004 година бил продаден за 105.600 долари, што покажува колку пораснала неговата цена во изминатите две децении.
Пеле во финалето на Светското првенство во 1958 година против Шведска постигна два гола како 17-годишник и му ја донесе на Бразил првата од неговите три светски титули.
Тој и натаму го држи рекордот како најмлад фудбалер што постигнал гол во финале на Светско првенство.
„Денешниот резултат е силна потврда за трајното наследство на еден од најголемите фудбалери на сите времиња. Овој дрес не е само вечен потсетник на еден од најважните моменти во историјата на фудбалот, туку е директно поврзан со мигот што го претвори Пеле во светска спортска икона“, изјави Брендон Хоукс, директор за спортска стратегија и развој во „Сотбис“.
На аукцијата „The Beautiful Game“ беа продадени и други вредни фудбалски предмети.
Капитенската лента што Марадона ја носеше на Светското првенство во 1986 година, вклучително и на натпреварот против Англија, беше продадена за 512.000 долари.
Дресот на Лионел Меси од историскиот пресврт на Барселона против Пари Сен Жермен во 2017 година, кога каталонскиот клуб победи со 6:1 во Лигата на шампионите, достигна цена од 217.600 долари.
Дресот на Дејвид Бекам од неговиот 50. настап за Англија, на Светското првенство во 2002 година, беше продаден за 51.200 долари.




