Хуманитарната организација „Лекари без граници“ синоќа соопшти дека бомбардирањето на болницата Ал Ахли во Газа е неприфатливо и дека тоа е масакр.

„Ништо не го оправдува овој шокантен напад врз болницата и нејзините многу пациенти и здравствени работници, како и луѓето кои побараа засолниште таму“, се вели во соопштението на организацијата.

Се додава дека болниците не се цел и дека крвопролевањето мора да престане.

Заменик постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Дмитриј Полјански,  соопшти дека Русија и Обединетите Арапски Емирати побарале итна седница на Советот за безбедност во врска со експлозијата во болницата во Газа, во која, според Палестинците, загинале најмалку 300 луѓе.

„Русија и Обединетите Арапски Емирати побараа итен состанок на Советот за безбедност на ОН на 18 октомври, поради ракетниот напад врз болница во Газа. Да видиме како ќе реагираат нашите западни колеги на ова“, напиша Полјански на социјалната мрежа X (Твитер).

Палестинската милитантна група Хамас ги обвинува израелските одбранбени сили (ИДФ) дека се одговорни за нападот на болницата, додека ИДФ вели дека експлозијата била предизвикана од неуспешно лансирање ракета на Исламски џихад.

Над 500 луѓе загинаа во нападот на баптистичката болница „Ал Ахли“ во Газа, додека стотици други се под урнатини, објави портпаролот на палестинското Министерство за здравство.

Од друга страна, портпаролот на израелските борбени сили Даније Хагари изјави дека се проверуваат извештаите за наводниот напад.

– Не е познато дали експлозијата, која наводно предизвикала стотици жртви, била резултат на воздушен напад на ИДФ. Има многу воздушни напади и многу неуспешни ракети од Хамас. Има и многу лажни извештаи од Хамас, вели Хагари.

Според некои медиуми во синоќешниот напад загинаа повеќе од 1.000 луѓе. Првично беше пренесена информација дека нападот го извршила израелската армија.

Од друга страна, владата на Хамас во Газа го опиша нападот како „воено злосторство“ и им го припиша на израелските сили.

-Во болницата беа сместени стотици болни и ранети, како и луѓе присилно раселени од своите домови поради други израелски напади, се вели во соопштението.

Медиумите неофицијално наведуваат дека има повеќе од 1.000 загинати и повредени.

Портпаролот на Министерството за здравство во Газа, со кое раководи Хамас, претходно објави дека во израелскиот напад на Баптистичката болница во Газа загинале повеќе од 300 луѓе. Ројтерс објави дека бројот на загинати е повеќе од 500.

-Се верува дека стотици луѓе се уште се под урнатините, додаде портпаролот.

Се верува дека жртвите се жители на Газа кои побарале засолниште од конфликтот во болницата.