Блаже Миневски

Во ужасно лошото интервју за МИА, без потпрашања, лидерот на измамниците и  измамените Зоран Заев меѓудругото вели: „ Ова е за мене историја  заради тоа што нашиот јазик ќе го имате во библиотеките во Варшава, Виена, Берлин, Париз, Рим, насекаде ќе се изучува, унапредува и афирмира и тоа е една голема вредност.“

На кои библиотеки во Варшава, Виена, Берлин, Париз и Рим мисли човекот што очигледно не чита никакви книги?

Ако мисли да Националните  библиотеки таму книги на македонски јазик има децении пред тој да биде црпнат од Муртино. Во славистичкиот оддел на Народната библиотека во Варшава има стотици книги на македонски јазик а меѓу нив од пред десет години се и  репрезентативните 130 тома македонска книжевност. Може слободно да провери колку книги на македонски јазик има и во нациолналните библиотеки во Виена, Берлин, Париз и Рим. Дигиталната проверката е многу лесна – се влегува во главниот каталог, се оди во изборно пребарување и во графата за јазик се пишува македонски. Веднаш ќе се појави списокот со автори и наслови на  книги на македонски јазик што ги поседува библиотеката. Ги има од неколку стотици до неколку илјади како во Конгресната библиотека во Вашингтон, на пример. Не треба многу знаење и интелектуален напор, доволно е да се сака и со сосема лесна постапка, со едноставно пребарување може да се види каде сѐ ги има, да речеме, 130-те  тома македонска книжевност и во кои библиотеки, па ќе се дојде и до податокот дека на 18 септември 2012 година македонскиот амбасадор во Советот на Европа, Петар Поп Арсов на Универзитетската и национална библиотека од Стразур ѝ ја подарил комплетната  едиција  „130 тома македонска книжевност“. Може да се види дека и амбасадорот на Република Македонија во САД репрезетативните 130 дела од македонската книжевност ѝ ги подарил на Конгресната библиотека во Вашингтон. И не само тоа. Најголемата светска библиотека самата годишно набавува околу 300 примероци  книги на македонски јазик па нејзиниот македонски фонд брои околу 12.000 наслови! На своите полици има дела од пред седумдесет и пет години па сѐ до најнови изданија. Во фондот на оваа библиотека има над 30 милиони каталогизирани книги и друг печатен материјал  а половината од тој фонд е на 460 различни јазици.

Книги на македонски јазик многу пред Црпкодамус има и во библиотеката во Рим, Париз или Стразбур, една од најстарите во Франција. И во оваа  библиотека, како и во блузи триста други, ги има 130-те тома македонска книжевност на македонски а не на северџански јазик! Во Националната библиотека на Австрија во славистичкиот оддел има стотици книги на македонски јазик а меѓу нив и  едицијата „130 тома македонска книжевност“ во оригинал и преведена на англиски јазик. Пред единаесет години едицијата ја предал амбасадорот Ѓорѓи Филипов, а ја примила Кармен Петра Мојси, директорка на Секторот за словенска и источноевропска книжевност, која, заблагодарувајќи се за збирката дела од македонски автори, рекла дека 130-те тома „ќе бидат силно надополнување на литературата на македонски јазик што веќе постои“ . И во Градската библиотека на Виена е предадена истата едиција македонска книжевност а генералниот директор на Виенските библиотеки, Маркус Фајгл, се заблагодарил на подарокот соопштувајќи дека поради застапеноста на голем број македонски автори, а со цел рамноправност на македонската дијаспора со останатите дијаспори во Виена, „Виенски библиотеки“ вработиле библиотекар „од македонско потекло, со македонски како мајчин јазик“.

Што сакал да каже, ако воопшто имал претстава што кажува,  лидерот на измамниците и измамените со тоа дека „нашиот јазик( можеби мисли на македонскиот?!) ќе го имате во библиотеките во Варшава, Виена, Берлин, Париз, Рим, насекаде ќе се изучува, унапредува и афирмира, и тоа е една голема вредност“. Дали сакал да каже дека досега македонскиот јазик  го немало, и дека сега со него, како црпнат месија, допрва ќе ги освојуваме библиотеки во светот што веќе се освоени? Во конципирањето на одговорите може да му помогне момчето што седнува на разни врвови без да прашува чиј се и какви се! Во нив треба да има и објаснување за тоа како и кога ќе се изучува и унапредува македонскиот јазик, ако допрва треба „ да го имаме во библиотеките…“ И дали јазик се изучува во библиотеки или во некоја друга институција? На другите прашања, до триесет, може заеднички да калкулираат со опциите во врска настаните што следуваат по 15 јули. Притоа извнувањата не се прифаќаат од хигиенски, односно епидемски причини.