Четворица од повредените во пожарот во Кочани кои беа хоспитализирани во болницата „Пирогов“ во Софија денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување.

Раководителката на Клиниката за изгореници и пластична хирургија во болницата Маја Аргирова, за БТА изјави дека сите четворица се во добра состојба. Дадени се инструкции за натамошен третман, во тек е лабораториско следење на нивната клиничка состојба, а во зависност од состојбата ќе се проценува евентуална нова хируршка фаза.

Во „Пирогов“ остануваат да се лекуваат уште четворица други повредени во Кочани.

Прес-центарот на болницата соопшти дека четворицата кои остануваат во болницата се во тешка, но стабилна состојба и се на интензивна нега. Во тек се бројни интервенции за нивно оправување.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа повредени. Некои од повредените беа пренесени на лекување во други земји. Во Бугарија беа хоспитализирани 15 повредени – од нив осум во болницата „Пирогов“, а другите во болниците во Пловдив и Варна.