Летонските пратеници денеска усвоија изјава со која ја прогласија Русија за „државен спонзор на тероризмот“ и потенцираа дека нејзините акции во Украина претставуваат насочен геноцид врз украинскиот народ.

Во соопштението се вели дека Парламентот ја смета Русија за држава која е спонзор на тероризмот и ги повикува другите земји истомисленици да го изразат истиот став.

Пратениците нагласија дека ги сметаат за тероризам насилството на Русија врз цивилите извршено за остварување политички цели.

Освен тоа ја осудија и употребата на касетна муниција од руските сили во воените акции во Украина.

Парламентот, исто така, ја повика Европската унија да престане да издава туристички визи за руските и белоруските граѓани.

Летонските пратеници сметаат дека руската инвазија била извршена со поддршка и вмешаност на, како што велат тие, белорускиот режим и ја повика меѓународната заедница да и ги наметне на Белорусија истите санкции усвоени против Русија.

М.П.