Поранешниот амбасадор на Украина во Хрватска, Олександр Левченко, изјави дека Украина ја трпи целата тежина на рускиот воен удар, затоа што Западот не сакал да ја гарантира безбедноста на Русија.

– Зошто Брисел и Вашингтон не преговараат со Русија, додека Киев и Москва можат да се договорат за хуманитарни коридори и да преговараат за прекин на огнот. Украина сега ја презеде целата тежина на рускиот воен удар, а некои западни мудреци зборуваат за украинска криза, вели Левченко за хрватски Јутарњи лист.

Тој прашува дали е фер Вашингтон и Брисел да ги „мијат рацете“ и да не преговараат за запирање на војна против Украина.

Левченко објаснува дека пред почетокот на конфликтот, Москва во повеќе наврати имала средби со НАТО, ЕУ и Вашингтон во врска со гаранциите за нејзината безбедност.

– Имаше и прашања за невлегување на Украина во НАТО, но Руската Федерација првенствено се обиде да го преиспита целиот безбедносен систем околу себе, Европа и целиот свет. Западот категорично одби и целата вина е на вас, порача Левченко.

Тој додава дека поради тоа, Москва од нејзина гледна точка објаснува дека морала воено да оди во Украина поради игнорирањето на нејзината позиција и загриженост од страна на Западот.

– Тие не и дадоа безбедносни гаранции на Москва, но тоа не значи дека Украина треба да плати за се со своја крв. Се плашите од Москва, не сакате да војувате, во ред, но потрудете се барем сега да и помогнете на Украина,  изјави Левченко.