Трендот на отворање клубови со имиња на фашистички дејци со цел рехабилитација и глорификација на фашизмот, нацизмот во нивните современи облици мора да престане, се наведува во отвореното писмо од партијата Левица до институциите на ЕУ.
– Сведоци сме на сервилното однесување на владејачката елита, која преку недејствување придонесува овој негативен тренд да се шири, што остава чувство на горчина и несигурност кај македонскиот народ. Во целосно отсуство на претставување на вистинската слика за тоа што земја-членка на ЕУ прави во трета држава, во услови кога државната политика на Република Македонија зема поданичка форма која ги става народот и државата во подредена положба на идеите за кои сметавме дека се победени во 1945 година, политичката партија Левица одлучи, во име на македонскиот народ, чиј глас никогаш не е претставуван од актуелната власт, да испрати отворено писмо во кое ја претставува положбата во која се наоѓаат македонскиот народ и држава, се наведува во писмото од Левица до ЕУ.
Натаму во писмото се додава:
– Имајќи ги предвид резолуциите на ООН како највисок орган во светската политика кои ја осудуваат секоја форма и појава на фашизам и нацизам, како и Резолуцијата за подемот на неофашистичкото насилство во Европа донесена од страна на Европскиот парламент во 2018 година од една страна, како и молкот и изјавите на претставници на институциите на Унијата, кои во изминатиов период активно учествуваат, го набљудуваат и оценуваат односот помеѓу Република Бугарија и Република Македонија, се вели во писмото.
Левица во продолжение ги образложува дејствијата во Македонија од бугарска страна и побара ЕУ тоа да го осуди.
– Највисоките и релевантни институции на Европската Унија да го обелоденат нивниот став по ваквите случувања и јавно да ги осудат дејствата на Бугарија за промовирање и поддршка на здруженија кои глорифицираат нацистички соработници со антисемитска, фашистичка и антимакедонска идеологија во трета земја преку злоупотреба на нејзините права на вето како земја-членка на ЕУ, се вели во писмото.