Државно земјиште со површина од 2.600 м2 крај Мавровско Езеро, преку ноќ стана сопственост на Исламската верска заедница, која планира да гради верски објект, соопшти денеска партијата Левица.
Во продолжение целото соопштение на оваа парламентарна партија:
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МЕДАТ КУРТОВСКИ ОД СДС ОТТУЃУВА ЗЕМЈИШТЕ ВО МАВРОВО ЗА БАГАТЕЛНА ЦЕНА
Државно земјиште околу Мавровското Eзеро со површина од 2600 м2 преку ноќ стана сопственост на Исламската верска заедница која планира да гради верски објект. ИВЗ, со одлука на Општина Маврово и Ростуше и со помош на Министерството за транспорт и врски, за багателна цена го доби најактрактивниот дел од крајбрежјето на Мавровско Eзеро, што ќе придонесе за негова нова еколошка катастрофа.
Членови на ИВЗ, со помош на нивни роднини во Катастарот на Гостивар, преку трето лице кое се јавува како посредник од неодамна станаа сопственици на супер атрактивното земјиште.
Ова се гледа од документите до кои дојде политичката партија Левица. Според нашите информации добиени од жители на Oпштина Маврово и Ростуше, а по извршениот увид во документите од Катастар, јасно се гледа дека ИВЗ фигурира како нов сопственик на парцели во месностите Каменци и Лесков дол, со површина од околу 2600м2.
Парцелите се наоѓаат во заштитениот појас околу Мавровското Езеро, кадешто не е дозволена никаква градба. Министерството за транспорт и врски уште во март 2021 година му наложи на старо-новиот градоначалник на Општина Маврово Ростуше да го раскине договорот со купувачот на парцела – Незир Сулејмани, иначе сопственик на фирмата „Кораб Мермери.”
Се поставува прашањето – зошто на ИВЗ ѝ се потребни парцели во заштитено подрачје и што друго планира да гради во заштитените зони?
Изградба на било каков објект од поголем размер, толку блиску до брегот на езерото би довело до низа штетни влијанија врз квалитетот на водата на езерото и неговата фауна.
Ова е уште еден корумпиран скандал на владата на СДС и ДУИ, после поништеното Решение за уривање на вилите на хотелот „Радика”. Ова решение беше донесено минатата година, од страна на второстепена комисија на Владата за инспекциски надзор, а по поднесена жалба на инвеститорот на „Радика ресорт“, во сопственост на косовскиот државјанин Шериф Рамука.
Јасно е дека корупцијата и деградирањето на правната држава, преку распарчување на државен имот, е главна одлика на владеењето на неспособните кадри на СДС и ДУИ.