Кинескиот премиер Ли Кечијанг на тркалезната маса со лидерите на големите меѓународни институции рече дека кинеската економија е длабоко интегрирана во светската економија и дека ќе биде сè поотворена.

Отворањето е самостоен избор за постигнување развој, а вратата ќе се отвора пошироко и пошироко, рече Ли на шестиот видео дијалог на тркалезната маса во формат 1+6, пренесува Бета.

Според кинеската медиумска групација (ЦМГ), за време на вчерашниот дијалог, Ли истакнал дека оваа година се навршуваат 20 години од членството на Кина во Светската трговска организација (СТО).

– Во изминатите 20 години строго се придржувавме до правилата и искрено ги исполнивме нашите ветувања, што е од корист не само за нашиот сопствен развој, туку и за светот, рече тој.

Ли додаде дека Кина се придржува до рамномерниот развој на извозот и увозот и не се стреми намерно кон трговски суфицит, како и дека обемот на увозот се зголемува од година во година, така што Кина е втор најголем увозен пазар во светот веќе 12 години по ред.

Според него, Кина активно учествува во регионалната економска соработка и го промовира стапувањето во сила на Договорот за регионално сеопфатно економско партнерство (RCEP) на почетокот на следната година.

– Ова е најнаселената зона за слободна трговија во светот со најголем економски и трговски обем и најголем потенцијал за развој. Тоа ќе додаде нов поттик за регионалното отворање и економското закрепнување, рече Ли.

Според него, Кина се споредила со меѓународно високите стандарди на економските и трговските правила и се пријавила да се приклучи на Договорот за сеопфатно и прогресивно транспацифичко партнерство (CPTPP) и Договорот за партнерство за дигитална економија (ДЕПА).

– Ќе продолжиме да се шириме на високо ниво кон надворешниот свет, за да може светот да ги сподели новите можности за развој на Кина, подвлече Ли Кечијанг.