Неколку лидери од Европската унија денеска изразија поддршка за украинската стратегија за напади врз руските рафинерии, и покрај критиките од американскиот претседател Доналд Трамп.

„Колку побрзо сите руски рафинерии и капацитетот за продажба на енергенси бидат разнесени во парчиња, толку подобро“, изјави денеска естонскиот премиер Кристен Михал, при пристигнувањето на самитот на ЕУ во Брисел, пренесен од германската агенција.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во интервју за „Фајненшел тајмс“, најави нови напади врз руските нафтени рафинерии. Ова доаѓа и покрај повикот на Трамп да се прекинат нападите врз енергетските постројки, при што тој ја обвини војната во Украина за порастот на цените на дизелот.

Зеленски во повеќе наврати ги критикуваше плановите на Трамп за увоз на дизел од Русија, со цел да се намалат рекордно високите цени на горивата, а за возврат да се олеснат санкциите кон Москва, потсетува ДПА.

„Понекогаш, дури и на добрите пријатели им е потребен потсетник за тоа што е исправно“, рече Михал, осврнувајќи се на неодамнешните одлуки на САД во однос на Русија, јави ДПА.

Доколку Украина престане со нападите врз руската енергетска инфраструктура, додека Русија продолжува да ја напаѓа украинската инфраструктура, тоа би довело до „колапс во оваа војна“, изјави летонскиот претседател Гитанас Науседа.

„Ние стоиме рамо до рамо со Украинците, а тие мора да направат сè што е потребно за да го заштитат украинскиот народ“, изјави холандскиот премиер Роб Јетен.

„Најголемиот дел од средствата со кои Русија ја финансира војната доаѓаат од приходите од нафта“, изјави високата претставничка на ЕУ, Каја Калас.

„Украина сака оваа војна да заврши, а прекинувањето на финансирањето на војната е начинот како тоа да се постигне“, рече таа.

Се очекува Зеленски во петок да им се придружи на лидерите на ЕУ на дискусија за одбранбените потреби на Украина, пренесува ДПА.