Лидерите на ЕУ околу 2 часот и половина утринава одржаа прес конференција на која ги презентираа главните заклучоци од вонредниот самит посветен на руската инвазија во Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.
Шефовите на држави и влади на ЕУ покажаа обединет фронт во момент кога Москва започна нова војна на европскиот континент.
Како одговор лидерите се усогласија пред сѐ за нов пакет на санкции, кој претседателката на Европската Комисија го оцени како сериозен удар за руската економија.
Санкциите се состојат од забранување на пристап за Русија до европските капитални пазари, ова, рече Урсула фон дер Лајен, значително ќе го поткопа индустрискиот темел на Русија, додека руската елита нема повеќе да може да ги крие своите пари во Европа. ЕУ лидерите се договорија и за низа забрани за извоз за клучни сектори, најзначајно нафтените рафинерии. На Русија ќе и биде ограничен пристапот до технологии кои и се потребни за да се развива во модерна држава, додека одредени дипломати и бизнисмени нема повеќе да имаат право на виза за патување во земјите на ЕУ.
Фон дер Лајен порача дека ова претставува одговор на обидот на Кремљ да ја подели ЕУ.
-Кремљ се обиде да нѐ подели но го постигна сосема обратно, рече шефицата на Европската Комисија, која додаде дека за Европа започнува нова ера во која Путин нема да успее.
Емануел Макрон, францускиот претседател, од Брисел порача дека Путин сам одлучи да не го избере патот на дипломатијата со започнувањето на масовна воена операција која донесе бројни украински цивилни жртви.
Францускиот претседател исто така потсети дека ЕУ се согласи за финансиска помош без преседан за Украина од 1,2 милиони евра, и увери дека претпријатијата и домаќинствата во Европа ќе бидат заштитени од последиците врз цените на енергијата кои ќе произлезат од оваа криза.
Фон дер Лајен додаде дека оваа војна мора да го забрза енергетското осамостојување на ЕУ. Додека сега на кус рок ЕУ се врти кон други партнери за набавка на гас, на долг рок ЕУ мора да се фокусира на обновливите извори на енергија за да може целосно да се ослободи од рускиот притисок.
-Премногу сме зависни од руските фосилни горива, а Гаспром покажа дека не е партнер од доверба, мора да сториме сѐ за да ја намалиме таа зависност, рече фон дер Лајен предвидувајќи дека во иднина Путин може да одговори со “целосно одвојување на ЕУ од Русија“ во делот на набавката на енергија.
За Европската Унија е сега клучно да разработи јасна стратегија на долг рок која ќе доведе до целосна независност од Русија, а за тоа ќе мора Европа да се сврти кон други набавувачи. Инфраструктура за Течен природен гас е веќе присутна во ЕУ и може да се превезува гасот секаде во Унијата.
Оваа инфраструктура, рече таа, може да се користи и за хидрогенот, кој се смета за чист извор на енергија.
-Нашето мото е да се ослободиме од зависноста од рускиот гас и да навлеземе длабоко во обновливите извори на енергија.
Лидерите исто така разговарале за подготвеноста да прими украински бегалци од војната на европска територија.
-Оваа криза да ги потсети оние кои покажуваа помалку солидарност дека е добро да се биде одговорен обединето, Франција ќе го земе својот дел во поддршка на населението во Украина и за оние кои ќе се најдат на европско тло ќе бидат примени на одговорен и солидарен начин, рече Макрон.
Францускиот претседател информираше исто така дека неговиот телефонски разговор со Путин вечерва бил на барање на украинскиот лидер Зеленски, кој не успевал да стапи во контакт со Путин.
Разговорот меѓу Макрон и Путин бил “искрен, директен и брз“ и на барање на Зеленски, Макрон му порачал на рускиот претседател да стави крај на конфликтот.
-Ова не донесе резултати, бидејќи рускиот претседател избра војна, мојата одговорност е да ги преземам овие иницијативи кога се на барање на Украина и да оставам отворен пат за еден да добиеме прекин на огнот, изјави рано изутринава Макрон.