Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и јужнокорејскиот претседател во заминување Мун Џае-ин размениле „писма на пријателство“, јави севернокорејската државна новинска агенција КЦНА, а потврди и канцеларијата на Мун.
Во своето писмо, Мун ветува дека ќе продолжи да работи на обединување врз основа на декларациите донесени на состаноците во 2018 година и покрај тешката ситуација и тензиите предизвикани од севернокорејското тестирање на интерконтинентални балистички ракети.
Ким во својот одговор му се заблагодарил на Мун за обидите да ги подобри односите меѓу двете земји и истакна дека овие историски самити им дадоа на луѓето надеж за иднината, а двајцата лидери се согласија дека врските ќе се развиваат доколку двете страни направат неуморни напори со надеж.
Во текот на 2018 година, Мун и Ким одржаа три состаноци на кои ветија доближување до мир и помирување, но во текот на изминатите неколку години односите повторно се влошија.