Претседателите нa парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоија пратенички мандати со самостојни листи денеска во кабинетот на претседателот на Македонија Стево Пендаровски ќе одржат лидерска средба.
Единствена точка на дневниот ред на лидерската средба што ја свика шефот на државата е одложување на парламентарните избори.
Како што соопштија од кабинетот на преседателот, на лидерската средба е најавено присуство на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, и претседателот на ДПА, Мендух Тачи. На средбата ќе присуствуваат и собранискиот спикер Талат Џафери и претседателот на Владата Оливер Спасовски.
Видеоинсерти и фотографии од средбата ќе бидат дистрибуирани до медиумите од страна на прес-службата на кабинетот веднаш по почетокот на лидерската средба. Изјавите за медиумите по завршувањето на лидерската средба ќе бидат пренесувани на Јавниот сервис МРТ, на фејсбук-страницата на претседателот и на јутјуб-каналот.
– Поради мерките и препораките на Владата за заштита од COVID-19, ги охрабруваме медиумите да ги преземат видеоматеријалот и фотографиите кои ќе бидат веднаш дистрибуирани, информираат од кабинетот на претседателот.