Лидерска средба меѓу Ковачевски и Мицкоски ќе се случи во среда во 11 часот.

Тет а тет средбата ќе се оддржи во Клубот на пратеници, а премиерот и главниот опозиционер на масата ќе презентираат различен приод на веќе одбраните теми – Ковачевски ќе бара поддршка за промена на Уставот, Мицкоски ќе прашува, што откако нема да успее процесот.

Ковачевски денеска и порача на ВМРО-ДПМНЕ да се надмине себеси и да поддржи одлука за евроинтеграција, во спротивно државата ќе се изолира. Очекува отворени карти на средбата во среда.

– Поканата е испратена до ВМРО-ДПМНЕ. Во неа јасно стои да си изберат во кој формат сакаат да биде средбата, дали да биде еден плус нула, еден плус еден, еден плус два, зависно од тоа дали имаат доверба меѓу себе да зборуваат еден пред друг или сакаат да одат сами на средба. Јас оставив да избере раководството на ВМРО-ДПМНЕ.“ – изјави Димитар Ковачевски премиер на Македонија.

Но, ставот на опозицијата на чело со Мицкоски останува ист. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и порачаа на власта дека нема да поддржат промена на уставот, затоа што според нив, процесот е производ на бугарски диктат.

– Уставните измени кои ги прифаќа македонската влада предводена од СДСМ и ДУИ се производ на диктат и под услови кои не се прифатливи за македонските граѓани Апелираме до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и национални интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење на таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани. ВМРО ДПМНЕ.