Голманот на Лидс, Кико Касиља беше казнет со 8 натпревари и 60.000 фунти за расистички навреди на адреса на Џонатан Леко од Чарлтон.
Фудбалерот на лондонскиот клуб се пожали за постапките на поранешниот голман на Реал Мадрид по натпреварот помеѓу двата тима во септември.
Следеше истрага и во ноември Касиља беше обвинет за прекршоци поврзани со бојата на кожата и етничко потекло, иако тој самиот категорично ги негирал обвинувањата.
Сепак, на крајот, голманот беше прогласен за виновен за манифестирање расистички навреди кон Леко, и како резултат беше сериозно казнет. Касиља повторно се прогласи за невин.
– Се чувствувам навистина тажно за наводите за наводни расистички навреди на натпреварот против Чарлтон. Целосно се согласувам дека ваквите работи немаат место во спортот, но не мислам дека оваа пресуда јасно го одразува инцидентот, сподели Касиља на Твитер.
Клубот повторно категорично ги негираше обвинувањата и го поддржа нивниот фудбалер, кој сепак ќе недостасува до последните 3 натпревари од сезоната.
Лидс е втор во Чемпионшип дивизијата со одлична шанса да се врати во Премиер лигата за прв пат од 2004 година.