Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска го отвори координативниот состанок со меѓународните партнери посветен на напредокот во спроведувањето на Националната стратегија за млади и можностите за понатамошна соработка во областа на младинските политики.
На настанот присуствуваа резидентната координаторка на Обединетите нации во Република Македонија, д-р Рита Колумбија, претставници на Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ, Регионалната канцеларија за младинска соработка на земјите од Западен Балкан (РИКО), дипломатскиот кор, меѓународни организации, донаторската заедница, институции и партнери кои активно придонесуваат во креирањето и спроведувањето на младинските политики.
Во своето обраќање, министерот Лимани истакна дека средбата не е само презентација на постигнатото, туку повик за засилена координација и заедничко делување во интерес на младите.
„Младите се наш највреден ресурс. Денес тие се соочуваат со избор што ја одредува иднината на државата – дали ќе останат и ќе ја градат својата иднина тука или ќе ја побараат надвор од земјата. Затоа младинските политики не се само прашање на една генерација, туку прашање на демографската одржливост, економскиот развој и иднината на Северна Македонија“, порача Лимани.
Тој нагласи дека Министерството работи на создавање систем што ќе им обезбеди на младите повеќе можности, квалитетни услуги, активно учество и поддршка за личен и професионален развој, при што Националната стратегија за млади 2023–2027 претставува клучниот стратешки документ за остварување на овие цели.
Министерот најави дека во наредниот период се очекува усвојување на Акцискиот план 2026–2027, кој ќе ги претвори стратешките определби во конкретни, временски дефинирани и финансиски поддржани активности.
Посебен акцент беше ставен на потребата од подобра координација меѓу институциите, меѓународните партнери и донаторската заедница, со цел ресурсите да се насочуваат поефикасно и да се постигнуваат поголеми резултати, особено во развојот на локалните младински центри, младинските совети и локалните стратегии за млади.
„Инвестициите во младите не се трошок, туку инвестиција во човечкиот капитал, демографската стабилност, економскиот развој и иднината на државата. Нашата визија е јасна – младите да имаат повеќе причини да останат, да се развиваат и да успеваат дома“, истакна Лимани.
Тој упати благодарност до сите меѓународни партнери за досегашната поддршка, нагласувајќи дека Министерството останува отворен, транспарентен и посветен партнер за координирано и долгорочно дејствување.
Координативниот состанок продолжи со презентација на досегашниот напредок во имплементацијата на Националната стратегија за млади, размена на мислења и предлози за идна соработка со присутните, како и со заедничка определба за понатамошно јакнење на партнерствата во интерес на младите и нивната иднина во Република Македонија.




