Научни работници од МАНУ, од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за македонски јазик, Институтот за македонска литература, Институтот за фолклор, Македонскиот славистички комитет остро реагираат на Унилатералната изјава за македонскиот јазик испратена од МНР до Брисел. Во долго образложение повикувајки се на неколку претходни одлуки ја демантираат содржината на изјавата во која е впишано дека македонскиот јазик во континутет се развивал од дијалектите само на денешната територија на Македонија.
Посочувањето на временскиот и на културниот континуитет на македонскиот јазик ги отфрла сите ограничувања на македонските дијалекти, така што наведеното во Унилатералната изјава претставува грубо фалсификување на лингвистичките факти и на проучувањата на македонскиот јазик.
Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој многувековен просторен и временски континуитет, Во лингвистиката се прифатени и научно фундирани факти дека дијалектната диференцијација во Македонија започнала од 11 век но и дека со прифаќањето на основните Мисиркови поставки за стандардизацијата на македонскиот и нивна разработка се заокружи кодификацијата на македонскиот јазик во 1944 год. и во 1945 год. со донесувањето на решенијата за македонската азбука и за македонскиот правопис, пишуваат уште научните работници во отвореното писмо кое го објавија како реакција.
Нема да прифатиме ниту една одлука со која се оспорува самобитноста на македонскиот народ и неговиот самостоен историски развој како посебен европски народ од средновековието до денес и ќе го сметаме за нелегитимен секој политички договор кој е во спротивност со востановените научни сознанија за македонскиот јазик и културниот идентитет на домашните и на меѓународните организации, сојузи и институции и со универзалните повелби и конвенции. Ние, како научни работници, потврдуваме дека, како и досега, и во иднина ќе се раководиме според меѓународно прифатените научни сознанија за македонскиот јазик во историски и во современ контекст.
Ваквата реакција доаѓа откако вчера МНР ја објави едностраната изјава, која пак од познавачите беше протолкувана и како неписмено напишана. Сега научните работници од повеке институции во земјава сметаат дека дека при сите разговори што ги опфаќаат јазичните и идентитетските прашања секоја земја членка на ЕУ мора да ја почитува европската определба дека Унијата ќе ја почитува културната, религиозната и јазичната разноликост.“