Сите сме силно погодени од пандемија со Ковид-19 и ставот на австриските власти во моментот е дека треба да се охрабрат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи вакцинација на што повеќе луѓе е вистинскиот пат, вели австрискиот министер за европска и меѓународната соработка Михаел Линхарт во интервју за МИА.
– Состојбата постојано се менува. Бројките на инфицирани граѓани во Австрија повторно одат нагоре, и тука е вакцинацијата каде ние сме во рамките на европскиот просек. Во моментот сметаме дека треба да ги охрабриме луѓето да се вакцинираат. Сега имаме мерки преку кои луѓето кои не се вакцинирани ја немаат таа слобода како вакцинираните, и увидовме дека тоа дава резултати во спремноста на луѓето да се вакцинираат, истакнува Линхарт.
Тој потенцира дека по новите рестриктивни мерки во Австрија за лицата кои не се вакцинирани, само минатата седмица имало околу 130.000 луѓе кои се вакцинирале.
– Мислам дека ова е поттикот што ни е потребен. Исто така гледаме дека вакцинираните се помалку зафатени од инфекцијата и не ги оптоваруваат одделенијата за интензивна нега во болниците. Затоа, охрабрувањето за вакцинација на што повеќе луѓе е вистинскиот пат и ние ги насочуваме напорите во таа насока, додава шефот на австриската дипломатија.
Линхарт во интервјуто за МИА, говори и за европската перспектива и процесот на приклучување на земјава и регинот во ЕУ, посочувајќи дека Австрија негува големо пријателство со Северна Македонија и дека двете држави имаат долга заедничка историја.
– Одлично ги познаваме состојбите на Западен Балкан. Тука и лежи нашиот придонес во целиот овој процес. Има многу ситуации каде можеме да го објасниме Западниот Балкан, но исто така и да ги поддржиме земјите од Западен Балкан во нивните објаснувања кон Европа. Ова е особено важно и ние се обидуваме да донесеме повеќе од Европа во Западен Балкан и тоа не само преку пристапниот процес. Ова е многу важно особено за младите луѓе, да им се објасни што е Европа, кои се нејзините вредности и што претставува тој заеднички дом. Ние треба да ги објасниме тие работи на овие земји, потенцира Линхарт.
Според него, Австрија е уверена дека Македонија е подготвена за процесот на преговори за членство во Европската Унија.
– С. Македонија е дел од Европа и целта е С. Македонија да стане членка на Европската унија. С. Македонија мора да биде членка на ЕУ, ова е нашето уверување и сигурен сум дека заедно ќе ја постигнеме оваа цел. Двете страни треба да вложат напори, секако преку целосна поддршка од наша страна, нагласува Линхарт.
Интегралното видео интервју со шефот на австриската дипломатија Линхарт, МИА ќе го објави утре.