Со одлука на турските власти годинава е дадена дозвола за одржување божествена литургија во манастирот Пресвета Богородица Сумела во петок, на 23 август 2024 година, за празникот Успение на Богородица („Деветти дена Богородица“), соопштија од Вселенската Патријаршија, јави дописничката на МИА од Атина.
Во историскиот православен манастир во Турција традиционално се одржува свечена литургија на 15 август за големиот православен празник, по соодветна дозвола од властите, додека пак годинава, ќе се одржи осум дена подоцна.
Медиумите во Грција, за соопштението од Вселенската Патријаршија коментираат дека турските власти не дале дозвола литургијата да се одржи на 15 август на денот кога се слави Успение на Богородица.
Минатата година, турските власти првично дадоа негативен одговор до Вселенската Патријаршија во однос на потребната дозвола за божествената литургија на 15 август во историскиот манастир Пресвета Богородица Сумела, по што следеше реакција од официјална Атина, па Турција ја промени одлуката, ја одобри дозволата, а литургијата се одржа, но траеше само неколку часа.