Москва ја обвини балтичката земја Литванија дека го забранила железничкиот транзит на стоки кои се под санкции наметнати од Европската унија поради руската воена кампања во Украина. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека е врачена нота против „провокативните“ и „отворено непријателски“ мерки.
„Доколку во блиска иднина транзитот на товар меѓу Калининградската област и остатокот од територијата на Руската Федерација преку Литванија не биде целосно обновен, Русија го задржува правото да преземе мерки за заштита на своите национални интереси“, соопшти Министерството.
Според Министерството, забраната за транзит го прекршува договорот од 2002 година меѓу Русија и ЕУ. Кремљ рече дека одлуката на Литванија е „без преседан“.
„Ситуацијата е повеќе од сериозна и бара многу длабока анализа пред да се формулираат какви било мерки и одлуки“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Претходно во понеделникот, литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис рече дека забраната е воведена во согласност со европските санкции поради Украина.