Холандија денеска објави дека ќе ја активира фазата од планот за енергетската криза наречена „рано предупредување“ и ќе го укине ограничувањето на производството во електраните на јаглен, бидејќи се обидува да ја намали зависноста од рускиот гас во екот на војна во Украина.

Холандија, која увезуваше 15 отсто од својот гас од Русија, веќе купува ЛНГ (течен природен гас) и ја намалува потрошувачката на гас, но сепак може да се соочи со недостиг оваа зима, пишува Ројтерс.

„Со овие мерки, помалку пари ќе му дојдат на Путин“, изјави холандскиот министер за енергетика Роб Јетен.

Фазата „рано предупредување“ од трифазниот план на земјата ги предупредува корисниците, регулаторите и владите на специфичната закана од недостиг на гас, пренесува Танјуг.

Ројтерс додава дека планот вклучува и „аларм“ и „вонредна“ фаза, иако останува нејасно како ќе се рационализира снабдувањето со гас за индустриските корисници во случај на физички недостиг.

Се очекува Холандија да заштеди две милијарди кубни метри гас годишно со укинување на ограничувањата за производство на енергија на јаглен.

И министерот за економија на Германија, Роберт Хабек, смета дека треба да се намали употребата на гас за производство на електрична енергија и во индустријата и наместо тоа да се користат повеќе електраните на јаглен. Целта е колку што е можно повеќе да се замени производството на електрична енергија во електраните што работат со природен гас. Треба да се поттикне и полнењето на резервоарите за складирање гас.