Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас изјави дека Велика Британија нема да се двоуми да преземе мерки за протоколот за Северна Ирска, откако премиерот Борис Џонсон посочи дека ситуацијата сега е многу сериозна.
– Некои предлози изнесени од Европската унија за време на месечните дискусии за договорот по Брегзит ќе нè вратат наназад, изјави Трас откако таа се спротивстави на воведување повеќе проверки, документација и нарушувања.
Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој (ФЦДО) соопшти дека, според предлозите на ЕУ од октомври, трговските аранжмани би можеле да се влошат и секојдневните предмети би можеле да исчезнат од полиците на продавниците во Северна Ирска.
– Сегашните предлози на ЕУ не успеваат соодветно да ги адресираат вистинските прашања што ја засегаат Северна Ирска и во некои случаи би нè вратиле назад, рече Трас.
– Цените се зголемија, трговијата е многу нарушена, а народот на Северна Ирска подлежи на различни закони и даноци од оние над Ирското Море, што ги остави без извршна власт и претставува закана за мирот и стабилноста. Одговорот не може да биде повеќе проверки, документација и нарушување, нагласи британската министерка за надворешни работи.
Според неа, Британија секогаш била за решение со преговори, но истакна дека Лондон нема да се двоуми да преземе акција за стабилизирање на ситуацијата во Северна Ирска доколку не се најдат решенија.
Нејзините коментари дојдоа откако Џонсон вчера телефонски разговараше со ирскиот премиер Мајкл Мартин за аранжманите по Брегзит.
Во соопштението на Даунинг стрит за разговорот, се вели дека двајцата лидери се согласиле за виталната важност за обнова на децентрализираните институции во Северна Ирска што е можно поскоро.