Никогаш не сме биле поблиску до решение за косовското прашање, поради одлучноста на клучните луѓе во Белград и во Приштина да го решат тој проблем, оцени српскиот вицепремиер Расим Љајиќ.
– Блиску сме, бидејќи по првпат се гледа одлучноста на клучните луѓе во Белград и Приштина да се реши тој проблем и постои начелна согласност околу принципиелно решение. Со оглед дека не ја знаеме содржината на тоа решение и дека за него претстојат преговори, ние сме и многу далеку од конечно решение, појасни Љајиќ.
Тој укажа дека постои отпор и во Белград и во Приштина за да се реши проблемот, а опозицијата и во Косово и во Србија користи исти аргументи. Нивниот аргумент е да се „чекаат подобри околности“.
– Најдобар момент за решавање на косовското прашање беше во 90-те, кога Србија таму имаше суштинска власт. После 1999 година тој маневарски простор е стеснет. Тој проблем досега никој не можел или не сакал да го реши, а ова сега е најсериозен обид да се реши и ќе биде штета ако можноста пропадне, изјави Љајиќ за ТВ Пинк.
Тој вели дека доколку сега би бил во опозиција би ги поддржал напорите на претседателот Александар Вучиќ и би поддржал некој друг да вади „врели костени“.
– Ние сега немаме ништо, а по овие преговори и во Приштина знаат дека Србија ќе добие нешто, изјави Љајиќ.
Тој појасни дека динамиката на процесот ќе зависи од меѓународната заедница која, според него, не е едногласна по тоа прашање.
– Од една страна ги имате Американците и Французите кои велат дека не се „гадливи“ на ниту едно решение доколку такво биде пронајдено, потоа Германија, која е против решенијата кои се во оптек. Нема едногласност за решение и од тоа во голем дел зависи динамиката на овој процес, истакна потпретседателот на српската Влада.