Димитар ЉОРОВСКИ ВАМВАКОВСКИ: „Фер е да се каже“
Веќе подолг временски период еден дел од македонските политичари кои себе си се сметаат за „далековидни“ и луѓе без стереотипи во политиката, а поврзано со тоа како тие го замислуваат градењето на вистинската односно лажна колективна свест на македонскиот народ на база на националната перцепција (толкување и нарација) на одредени периоди од македонската историја, се обидуваат во темел да ја урнат македонската национална историја.
Овие политички „иноватори“, задоени со нивната самобендисаност и уверување дека се не еден, туку сто и еден чекор пред другите, национално „затупени“ Македонци, им „докажуваат“ на последните дека токму македонскиот пример на градењето на нацијата е уникатен, односно дека демек токму ние го измисливме градењето на нацијата, и тоа на база на фалсификување, лажење и крадење на туѓи истории. Дека сите други нации, постари со децении и векови од македонската, се оние вистинските, како создадени по точна и признаена „научна“ формула. Како само ние на одредено историско време или простор да сме им дале национална конотација, а со цел да ја изградиме и понатаму надградуваме македонската нација. На сите тоа им е дозволено, а на нас не, т.е. за тоа треба да ги прашаме „другите“ дали ќе ни го дозволат истото, бидејќи нели тие се постари од нас и следователно на тоа пред нас ја национализираа историјата на Македонија како своја национална (грчка, бугарска, српска, влашка).
Оттука, оние делови од македонската историја што на нив не им се вклопуваа во националната и државна доктрина, тогаш со целосна леснотија и великодушно ни ја „подаруваа“ нам! А овие „далековидните“ не‘ учат дека треба и за тоа „благодарам“ да им кажеме. Наместо тоа, тие како интелектуалци, можеа пред да го прифатат овој наратив, да прочепкаат низ светската историјата и да видат колку вакви слични примери има, дека ние не сме уникатните „црни овци“, дека на пример го има тоа и во скандинавските земји. Но таму замислете едните на другите им помагале да си ја создадат нацијата, а ние Балканците на тоа ќе кажеме – на сопствена штета! Или доволно е да го проучат примерот во градењето, релациите и конфликтите меѓу полската и белоруската нација, но и многу други примери, но нејсе (…).
Туку што ми беше муабетот (…), а да, еден дел од оние напредните политичари подолго време ги читам како тоа митот за Александар и античките Македонци нас ни го продале Грците, па го даваа примерот со Каравангелис и Коте, т.е. како едниот преку овој наратив го направил другиот „Грк“, итн. Па во последно време читам дека дури и преродбениците овој мит го презеле од грчката национална идеја!?! Намерно или не, се заборава да се каже дека во 19 век меѓу словенското население во османлиска Македонија митот и традицијата за Александар и античките Македонци постоел, но не затоа што истиот им го наметнал грчката национална идеја, туку затоа што тој постоел со векови, како што постоел митот и за Марко Крале и за Цар Самуил, итн., и тој мит не бил НАЦИОНАЛЕН, туку територијален. Да, Грците подоцна го национализирале овој мит поради сопствени големодржавни проекти, со цел да имаат право да претендира на територијата и населението на османлиска Македонија. Од друга страна, античка Македонија со поголем интензитет во македонската национална нарација навлегува кон крајот на 80-тите години и тоа под големо влијание на македонската дијаспора во Австралија, Америка и Западна Европа кои биле во национален судир и докажување со грчката заедница во тие држави (за ова повеќе види кај Лоринг Денфорт). Постепено преку дел од тогашната македонска политичка и интелектуална елита, ваквата национална нарација навлегува и во македонска држава, која кулминира 1992 година со поставувањето на звездата од Вергина за државно знаме, што кај добар дел од Македонците беше сфатено и почна да се доживува како национален симбол. Нагло почна да расте интересот за овој историски период, што беше поткрепено и со издавањето на редица историски и публицистички дела. Постепено Македонците започнаа да се идентификуваат со Филип и Александар, а со тоа и да се менуваат дотогашните контури на македонскиот национален мит.
После се’ , ова од Грција беше доживеано како национална и иредентистичка закана, а грчкиот национален мит се почувствува загрозен од еден туѓ мит кој им задираше во основите на грчкиот национален идентитет.
Оттука, ако не се перцепира овој проблем од една ваква перспектива, се друго е политиканство и употреба на ова прашање во дневна политика.