Кандидатката за нова еврокомесарка за финансиски услуги, Португалката, Марија Луиш Албукерке, во текот на својата досегашна кариера стекна имиџ на сериозна, понекогаш дури и „тешка“ личност.
Како министерка за финансии на Португалија помеѓу 2013 и 2015 година, Албукерке стекна почит на многумина во Брисел со нејзините напори за предвремена отплата на кредитите, зацврстувајќи ја репутацијата на Португалија како „добар ученик“, решен да се жртвува за да ги исполни своите ветувања дадени пред Европската Унија и глобалните финансиски институции.
Но, дома, во Португалија, таа стана синоним за „затегнување на ременот“ и за строго економско штедење, што беше услов за добивање средства од програмата за спас од меѓународните кредитори во екот на должничката криза. Ваквите заложби и пораките до граѓаните „да не очекуваат никакво чудесно закрепнување на економијата“, се одразија врз нејзината популарност во земјата.
Токму ваквото минато на Албукерке, резултира со различни оценки од страна на европратениците во однос на нејзината номинација за еврокомесарка за финансиски услуги, поради што се очекува таа да има „тешко сослушување“ во Европскиот парламент.
Во тој контекст се очекува европратениците да поставуваат прашања околу нејзините врски со големите меѓународни финансиски корпорации, имајќи предвид дека по напуштањето на министерската функција во 2015 година таа се вработи во лондонската финансиска групација „Ароу Глобал“, а до неодамна работеше во европската филијала на американската банка „Морган Стенли“.
Дополнително, Албукерке може да се најде на удар на европратениците и за нејзината улога во продажбата на португалската државна авиокомпанија ТАП во 2015 година, за кој процес неодамна беа обелоденети некои контроверзии.
За нејзиното име се врзуваат и неуспешните обид за зајакнување на врските меѓу пазарите на капитал во ЕУ пред пет години, како и идејата за создавање единствено тело за финансиски надзор, која не доби поддршка.
Во 2021 година Албукерке се кандидираше за претседател на Европската управа за хартии од вредност и пазари, но мина неславно во изборната трка.
Инаку, Албукерке беше во игра за португалски еврокомесар уште во 2014 година, но кога стана јасно дека нема да може да добие некој од „повлијателните“ ресори во тогашната Европска комисија на Жан-Клод Јункер, таа се повлече и место неа Португалија го предложи Карлош Моедаш, кој стана комесар за истражување, наука и иновации.
Нејзината овогодишна номинација беше оценета како обид на актуелниот португалски премиер Луиш Монтенегро неговата земја да добие повлијателен ресор и воедно да биде исправена „неправдата“ што и беше нанесена пред 10 години.
Според предлогот на претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен, Албукерке треба да биде комесарка за финансиски услуги, ресор чија улога значително еволуираше во последните пет години и доби поголема важност.
Од оваа позиција Албукерке ќе ја надгледува работата на единствениот европски пазар за инвестиции, уште познат како „Унија на пазари на капитал“ или „Унија на штедење и инвестиции“. Дополнително, овој ресор е особено значаен за обидите на ЕУ да го достигне растот на САД и Кина, но и за финансирање за зелените и дигиталните транзиции и за одбраната.
Се очекува во новиот мандат ресорот за финансиски услуги повеќе да биде насочен кон изработка на предлози за зајакнување на банкарскиот капитал и за управување со кризи, како и со реформи поврзани со финансиските пазари, кои беа нарушени по истапувањето на Велика Британија од ЕУ.
Фото: Икс